Декларација за антикоруптивно однесување на новинарите

Е-пошта Печати PDF

                                                       НОВИНАРИТЕ ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА
                                               Прилог кон Кодексот на новинарите на Македонија



Тргнувајќи од Кодексот на новинарите на Македонија и водејќи се од основните принципи за објективно, непристрасно и вистинито известување, како и од Уставот на Македонија и начелото дека новинарите треба да бидат коректив на власта, право и обврска на новинарот е да се бори против злоупотреба и корупција во својата работа и пошироко во општеството.

 

- Секој подарок или услуга што може да влијаат врз објективното информирање се смета за корупција.

-  Секое искористување на новинарската професијата, функцијата, јавното овластување и службената должност и положба, за создавање на каква било корист за себе или друг субјект, се смета за корупција во новинарството.

-  Како можни извори на корупцијата се сметаат: носители на јавни функции, избрани и именувани функционери, стопанственици, политички партии, образовни, здравствени, верски, спортски и културни организации, владини и невладини организации, медиумски куќи и поединци.

-  За директна корупција се смета давање, примање и изнудување на незаконска материјална или друга добивка за остварување на корист за новинарот или медиумот.

-  За индиректна (скриена) корупција се сметаат: - Организирање на патувања, семинари, советувања. - Протежирање на одредени новинари и редакции како придружба на официјални делегации, како и давање на услуги и средства под по-властени услови со цел придобивање на новинарите за премолчување на релевантни факти за јавноста, како и за позитивни и афирмативни текстови.

-  Изнудување материјална и нематеријална добивка од страна на новинарот со уцена да објави или не одредена информација која може да му наштети на одреден субјект, исто така се смета за корупција. За елиминирање на корупцијата во својата професија, новинарите на Македонија се залагаат за следниве принципи:

-  Новинарскиот еснаф се спротиставува на обидите за поткуп и корупција на своите колеги и јавно ќе ги посочи таквите случаи, доколку ги има.

-  Се бори за искоренување на корупцијата во сопствените редови.

-  Ја смета за неспојлива работата на новинарот со каков било политички ангажман.

-  Се залага за спречување на дискриминацијата на државните органи кон медиумите.

-  Се залага за транспарентност на сопственоста и финансиското работење на медиумите.

-  Инсистира на доследна примена на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

-  Соработува со релевантни организации и институции, медиуми, невладиниот и приватниот сектор, домашни и странски независни експерти и меѓународната заедница.


Имајќи го предвид социјалниот статус на новинарите во Македонија и аналогно на тоа лесната можност за подложност на мито и корупција секој новинар треба да се запраша што се бара од него за возврат кога ќе му се понуди подарок, патување или друг вид погодност и услуга. Еснафот ќе се огради од новинарот кај кого ќе биде докажано коруптивно однесување и јавно ќе го осуди. Секој новинар и медиум што се придржуваат кон овие одредби ја уживаат поддршката на професионалната организација.


 

Посетители

Моментално има 8 посетители на нашата веб-страница

Анкета

Дали ви се допаѓа новиот дизајн на нашата веб-страница?
 


Прирачник за покривање избори

Пријава за зачленување во ЗНМ

Пријатели на ЗНМ

Нацрт статут на ЗНМ