Во октомври и ноември 2009 година, Светско учење Македонија во соработка со експертот Јаша Ланге спроведоа анализа на работењето на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Анализата содржеше преглед на документацијата, квалитативни интервјуа со вработените, членовите на Извршниот одбор и партнерите на ЗНМ, дискусии во фокус групи со новинари и внатрешен преглед на работењето на извршната канцеларија на здружението. По ова следеше електронско анкетирање на новинарите во Македонија, кое се темелеше на претходно тестиран прашалник. Анкетата беше дистрибуирана помеѓу 548 новинари, од кои на неа одговорија 192 (што претставува 35% стапка на одзив на анкетата).
ЗНМ е организација која е структурирана по принципот на членство и која ги претставува новинарите во Македонија. Нејзината цел е да го промовира врвното новинарство, професионалната независност и етиката. Според интервјуираните, ЗНМ е многу релевантна организација во Македонија и многу потребна за новинарската професија. Високи 92% од анкетираните сметаат дека е важно да има силно здружение на новинари за да може истото да се одбрани од се поголемиот притисок кој доаѓа од сопствениците на медиумите и политичарите, да го одржи или подобри нивното на професионализам и довербата на јавноста во новинарството, да обезбеди заштита и (правна) советодавна помош на членството и да постигне единство меѓу вработените во медиумите.
Истражувањето покажува дека нивото на задоволството со работењето на ЗНМ, севкупно гледано, варира. 34% од испитаниците се изјасниле како (многу) задоволни, 41% како неутрални, а останатите како незадоволни. Испитаниците посочуваат дека треба да се обрне поголемо внимание на комуникацијата и (активното и пасивнотото) лобирање. Ова е во согласност со чувството дека ЗНМ треба да биде поактвна, поефективна и повлијателна организација. Во однос на овие аспекти, ЗНМ беше најлошо оценето од страна на испитаниците.
Претставниците на професијата (новинарите) истакнаа дека тие сакаат ЗНМ да се фокусира на прашањето на почитта на јавноста кон новинарството, одбраната на слободата на печатот, законодавните реформи кои се однесуваат на медиумите и следењето на спроведувањето на професионалниот Кодекс на новинарите. Што се однесува пак конкретно до членовите, тие ја потенцираа потребата ЗНМ да развива услуги. Овие услуги би можеле да вклучуваат: правна помош и помош во судски предмети во случаите на клевета, поддршка за професионалните конфликти со сопствениците / уредниците, дополнителни придобивки / корист кои произлегуваат од членството во ЗНМ (бесплатни пропусници, визи) и добивање правни совети, како во однос на договорите за работа (на пр., договорните клаузули), така и во однос на правата на самостојните новинари.
Комуникацијата може да се одвива преку електронска пошта – 95% од испитаниците го претпочитаат ова. Со добра комуникациска стратегија и повеќе услуги, за 90% од испитаниците зголемувањето на членарината на 1.000 денари би било прифатливо. А во однос на доброволците, одговорот беше апсолутно позитивен: 110 испитаници рекоа дека би сакале активно да се вклучат во работата на ЗНМ, така овозможувајќи му на Здружението да развие база од свои активни поддржувачи.
Општо земено, интервјуираните ја препознаваат потребата за постоењето на ЗНМ и посветеноста на Здружението, но сметаат дека неговото работење може да се подобри.
Со цел да се постигне ова, внатрешниот преглед и спроведените интервјуа со партнерите на Здружението покажаа дека е потребно да се направат следните промени: (1) вработување на Извршен директор кој би бил одговорен за секојдневното управување со Здружението; (2) јасна поделба на улогите и одговорностите меѓу менаџментот (оние кои управуваваат со ЗНМ) и раководните тела, вклучувајќи и ревизија на Статутот; (3) подобрени финансиски и административни процедури.
Ова внатрешно зајакнување на организацијата е потребно со цел да се постигне подобро надворешно работење, да се подобри кредибилитетот на ЗНМ меѓу новинарите, да се зголеми релевантноста на организацијата во редовите на членството, да се добие довербата на јавноста и да се зајакне влијанието на ЗНМ. Со цел ова да се постигне, потребно е следното: (1) развивање и воведување на соодветни услуги за членството; (2) видлива и ефективна комуникациска стратегија – за членството, засегнатите страни и јавноста; веведување на редовен дијалог со членството во однос на приоритетите и резултатите кои ги постигнува организацијата; (3) широка употреба на експерти и доброволци.
Извештајот содржи вкупно 32 препораки насочени кон ефективно спроведување на горенаведеното. Овие препораки варираат од препораки кои се однесуваат на ревизијата на Статутот (во однос на мисијата, раководните тела), внатрешниот капацитет (во однос на Извршниот директор, студиско патување, политики за управување со човечки ресурси, обука на кадарот, финансиски и административни процедури, подобрување на информатичката технологија и веб страната), развивањето на услуги (телефонска линија за помош, бесплатна правна помош, најчесто поставувани прашања во врска со професијата и договорните односи), зајакнување на влијанието на ЗНМ (вклучувајќи го и стратешкото парничење, проследување на дадените изјави со дополнителни информации, формализирање на напорите за лобирање) и сеопфатнат комуникациска стратегија (изготвувањето на материјали, процедури и база на податоци).
Во вкупно 26-те интервенции се предлага да се спроведат дадените препораки. Тие интервенции, на пример, вклучуваат: спроведување на посебни работилници и јавни дискусии за финализирање на ревизијата на Статутот; организирање на студиски патувања; вклучување на двајца консултанти за: (а) развивање и спроведување на сите аспекти на политиката за управување со човечки ресурси и, (б) спроведување на административни и финансиски процедури; обуки на вработените за: (а) аплицирање за грантови, (б) управување со проекти, (в) известување за работењето и известување за финансиското работење; имплементирање на софтвер за администрирање на членството; ангажирање на три експерти – 1 од правната сфера, 1 од финансиска сфера и 1 кој ќе ги изготви сите дополнителни помошни материјали за членовите; избор на база на правни експерти, како и ангажирање на консултант за изготвување на Стратегија за односи со јавноста и комуникации и Оперативен план.
Се предвидува, секоја година спроведување на анкета за мерење на задоволството на клиентите од работењето на ЗНМ.












