Замина тивко - нашиот Неџо не е веќе меѓу нас. Човекот кој целиот работен век му го посвети на новинарството. За него немаше тежок текст, за него немаше проблем да напише, да каже, да објасни. Препознатлив по својот специфичен стил многу млад кариерата ја започна во Македонската телевизија. Културата, историјата, традицијата, археологијата беа предизвик за неговото перо. Тоа свое творештво го продолжи во Утрински весник и во редакцијата на А1 телевизија. Во последните пет години во Канал 5 телевизија го покажа многу несебично своето знаење - го пренесуваше на колегите, особено на помладите. Беше одличен аналитичар и на светските збиднувања. Со леснотија, но истовремено со одбрани зборови. Неџо беше новинар чиј текст откокнуваше оти во него имаше и информација, но и чувства. Неговото дело беше препознатливо, за паметење за навек. Никогаш нема да биде заборавено. Вкусот е карактер а карактерот е судбина му беше еден од омилените цитати од „Тежок живот“, песна на Џони Штулиќ. Неџад Мемиќ дипломирал филозофија на „Свети Кирил и Методиј“. Имаше 38 години.Беше сопруг и татко. Нека почива во мир!












