Поради сè позачестените случаи на директно, но и на прикриено рекламирање под маската на „информирање“ Советот на честа смета дека е неопходно да потсети дека секаков вид на комерцијално огласување кое не е јасно издвоено од информативните содржини во медиумот се сметаат за грубо кршење на професио-налните стандарди.
Согласно членот 6 од Кодексот на новинарите рекламата и прикриената реклама мораат да бидат јасно одделени од новинарската содржина
Под прикриено рекламирање се подразбираат сите пропагадни содржини кои по својата форма и начинот на подготовка личат на автентичен новинарски текст така што читателот/гледачот не може да ја разликува неговата пропагадна функција од новинарската содржина. Како пример ги посочуваме многуте прилози и текстови за „успешните“ приватни универзитети, новите производи или услуги на одредени компании кои станаа редовна и за жал не осамена појава. Под таквите „прилози“ неретко се потпишани конкретни новинарски имиња.
Советот ги потсетува колегите уредници дека доколку се известува за личности или компании кои имаат сопственички удел во медиумот тој податок треба да биде наведен од страна на новинарот односно уредникот, исто како што треба јасно да биде наведено доколку сопственикот на медиумот има удел во компанијата или организацијата за која се известува.
Воедно, Советот ги потсетува и колегите новинари да бидат исклучително внимателни кога изготвуваат информации за одредени претпријатија, производи или услужни дејности и кога користат соопштенијата за јавност и други матерјали од ПР службите на овие извори или од маркетиншките агенции кои се грижат за овие претпријатија. Новинарите не смеат да заборават дека основна цел на таквите „матерјали“ е да обезбедат бесплатен позитивен публицитет, а не точна, непри-страсна и обејективна информација – што мора да биде импаратив на новинарската задача.
Новинарот, независно од тоа каде работи, првенствено е одговорен на своите слушатели, гледачи, читатели и таа одговорност не смее да биде запоставена на сметка на интересите на другите, независно дали се тоа сопственички, бизнис или политички центри на моќ.
Скопје, 03.09.2009 година Совет на честа на
Здружението на новинарите
на Македонија












