Објавено во

Здружението на новинарите на Македонија најостро реагира на пресудата на судијката Јованка Спировска-Панева од Основниот суд Скопје 2, со која драконски се казнети за клевета новинарот Владо Апостолов и уредникот на неделникот „Фокус“ Јадранка Костова. Ова е прва осудителна пресуда против новинари според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета која може да се процени како сериозна непријателска порака кон новинарите на Македонија. Со пресудата новинарите се заплашуваат и обесхрабруваат да информираат и истражуваат за одговорноста на јавните функционери што е една од главните принципи на новинарството низ целиот свет.
 
Според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета Судот при донесувањето на пресудата e обврзан да ги почитува одредбите на Европската конвенција за заштита на основните човекови права и становиштата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур содржани во неговите пресуди.
 
Судот мора да има во предвид дека тужителот во овој случај, Директорот на УБК Сашо Мијалков, е носител на јавна функција и дека Европскиот суд за човекови права има воспоставено принцип дека границите на прифатлива критика кон политичарите е поширока во споредба со приватните личности.
 
Дополнително, Судот мора да го има во предвид критериумот за пропорционалност што Европскиот суд за човекови права го применува во секоја своја одлука . Казната од 6000 евра е непропорционална во однос на приходите кој ги остваруваат новинарите и може да доведе до затварање на неделникот Фокус.
 
Европската судска пракса нотира дека приматот што му е даден на слободата на печатот со членот 10 од Конвенцијата е оправдан не поради некои специјални и посебни права на новинарите туку поради улогата на печатот како ‘public watchdog’ (куче чувар на јавноста).
 
Во контекст на оваа пресуда потсетуваме дека Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда во членот 10 предвидува исклучување на одговорност за клевета. Член 10 став 1 вели дека новинарот (уредникот, медиумот) се исклучува од одговорност доколку пренесува тврдење што е јавно соопштено од друг. Исто така, член 10 став 3 вели дека новинарот (уредникот, медиумот) се исклучува од одговорност доколку невистинитите факти, содржани во тврдењето, имаат споредно значење во однос на вистинитите факти на кои се однесува тврдењето и битно не ја менуваат неговата целовита смисла на вистинито тврдење.
 
Судот во балансирањето помеѓу јавниот и приватниот интерес целосно го запостави фактот дека новинарите Владо Апостолов и Јадранка Костова со пренесувањето на тврдењата на поранешниот амбасадор во Чешка Игор Илиевски отворија тема која има висок јавен интерес и дека после оваа пресуда на јавноста и е оневозможено да дебатира за наводите објавени во сега згаснатиот дневен весник Фокус. Ваквата пресуда не може да биде оправдана во едно демократско општество.
 
ЗНМ очекува дека во жалбена постапка Апелациониот суд ќе ги земе во предвид одлуките на ЕСЧП и ќе донесе праведна одлука.