Слободата на медиумите станува прв, од петте клучни приоритети што Брисел ги поставува пред Македонија.
Kомесарот за проширување, Штефан Фуле, по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијалција рече дека ЕУ очекува конкретни резултати и забрзување на реформите во Македонија во однос на петте клучни политички области.
“Прво, слободата на изразување, второ владеењето на правото, трето реформа на јавната администрација, четврто изборниот процес и последно, но не и најмалку важно борбата против корупцијата. Во нашиот последен извештај Европската комисија ја потврди препораката за отворање на преговори, по трет пат. Европскиот совет сеуште нема донесено одлука , но важно е да се одржи моментумот на процесот“ рече Фуле.
Во завршните заклучоци Советот порача дека очекува делотворни решенија за неколку прашања: подобрување на законодавната рамка, рекламирањето на Владата, средување на состојбите во јавниот сервис, професионалните стандарди и декриминализација на клеветата.
Советот за стабилизација е највиското тело на политички дијалог меѓу Македонија и ЕУ востановен со Спогодбата за стабилизација и асоцијација, уште пред земјава да го добие кандидатскиот статус.
