Објавено во

 Здружението на новинари на Македонија на седницата на Управниот одбор одржана на 24 декември донесе одлука за формирање на надворешно консултативно тело составено од професионалци, искусни новинари, уредници, без оглед дали тие се или не се членови на ЗНМ. Целта на оваа иницијатива е овозможување на услови за создавање на поширока хоризонтална платформа меѓу новинарите за актуелните прашања, со помош на која ЗНМ најсоодветно и навремено ќе одговара на предизвиците со кои се соочува новинарската професија во Македонија. Во текот на претстојната работна неделата ЗНМ преку прес-конференција ќе ја информира јавноста за сите детали околу формирањето на ова тело. Здружението на новинари на Македонија на 24 декември одржа и проширена седница на која присуствуваа членови на Управниот одбор, на Надзорниот одбор, на Советот на честа, како и координаторите од регионалните центри. На седницата беше одлучено да се формира петчлено тело составено од претставници од сите органи на ЗНМ кое преку директни контакти со новинарите ќе работи на нивно поголемо запознавање со работата на Здружението, но и на поголема ангажираност на новинарите во активностите на ЗНМ. Скопје, 24.12.2011 Здружение на новинарите на Македонија