Објавено во

Работната група, составена од претставници на владата на Република Македонија и од Здружението на новинарите на Македонија, која треба да го води дијалогот за подобрување и унапредување на состојбата во медумите, денеска ја оддржа првата конститутивна седница.

Работната група усогласи текст на меморандум за разбирање во кој се дефинирани целите, начинот на работа и временската рамка на дијалогот. Координатор на работната група е вицепремиерот за европски прашања, Теута Арифи, а заменик потретседателката на ЗНМ, Маја Јовановска.

Врз основа на заклучоците од тркалезната маса одржана на 14 септември 2011 година, работната група ги дефинираше темите и редоследот на прашањата за кои ќе се бара решение со цел подобрување на состојбите во медиумите и во новинарството во Македонија. Како прва точка на преговори договорено е биде отворена нормативната рамка, потоа следат владините кампањи, како трета е состојбата со јавниот сервис МРТВ, четврта тема на преговорите ќе биде декриминализација на клевета и навреда, а како петта е подигањето на стандардите во новинарството. Притоа  од страна на претставниците на ЗНМ беше потенциранодека Здружението останува посветено за унапредување на професионалните стандарди и етика во медиумите преку процесот на саморегулација, кој ќе се случува во идниот период. Целта на дијалогот е да се подобри и унапреди слободата на медиумите и правата на новинарите и медиумските работници.

Процесот е предвиден да трае една година, а работната група ќе се состанува најмалку два пати месечно. Членовите на работната група од ЗНМ презедоа обврска до следната средба, која ќе се одржи во просториите на ЗНМ, да изготват предлог-акциски план, во кој детално ќе бидат наведени сите мерки и активности кои се потребни за да се остварат поставените цели, со утврдени рокови.

За поголема транспарентност во работата на владата, членовите на ЗНМ побараа таа навремено да ги информира медиумите за нејзините седници, точките кои се разгледуваат и по секоја седница портпаролите на Владата да одржуваат прес-конференции и информирања на новинарите на кои ќе ги појаснуваат донесените одлуки. Оваа сугестија беше прифатена од страна на претставниците на владата, за што рекоа дека наскоро ќе се изјаснат.

Во рамките на ЗНМ од утре почнуваат консултациите во рамките на Здружението и со други невладини организации и експерти за изготвување на нацрт-акцискиот план.  (фотографијата е превземена од www.press24.mk)

Тагови: