Македонски

    СТАТУТ   на   Здружението на новинарите на Македонија    

Преамбула  

Со цел унапредување на деjствувањето на Здружението на новинарите на Македонија заради усогласување со актуелните потреби за поефикасно и поцелесообразно застапување на интересите на членовите и унапредување на општествениот и правниот амбиент за работење и развој на новинарската професија, со овој Статут се уредуваат основните и посебните начела за начините и условите на организацијата, дејствувањето, претставувањето и застапувањето на Здружението на новинарите на Македонија во согласност со позитивното право и интересите на членството.    

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ  

Член 1

Здружението на новинарите на Македонија е здружение на граѓани формирано со слободно здружување на новинарите во Република Македонија, заради остварување на професионалните интереси во заштитата на правото и слободата на професијата, јавното информирање и јакнењето на професионалната самостојност и етика.  

Член 2

Здружението на новинарите на Македонија дејствува на територијата на Република Македонија и е независно, самостојно, невладино, непартиско и непрофитно здружение на доброволно здружени новинари, кои дејствуваат на или од територијата на Република Македонија.  

Член 3

Здружението на новинарите на Македонија своите цели, задачи и дејности ги остварува во согласност со Уставот и со законите на Република Македонија и со Статутот на Здружението на новинарите на Македонија.  

Член 4

Полното име на Здружението е: Здружение на новинарите на Македонија.   Скратеното име е ЗНМ.   Името на здружението на англиски јазик, со латинско писмо гласи: Association of Journalists of Macedonia.   Седиштето на Здружението на новинарите на Македонија е во Скопје.  

Член 5

Здружението на новинарите на Македонија има својство на правно лице.   Здружението на новинарите на Македонија има свој печат и штембил.   Печатот е тркалезен и во него е втиснат текстот: Здружение на новинарите на Македонија – Скопје. Во средината е втиснат амблемот на ЗНМ.   Штембилот на ЗНМ е правоаголен, со текст за името и амблемот на ЗНМ.   ЗНМ има свој амблем.   ЗНМ води Регистар на своите членови којшто е јавен и се ажурира на секои 12 месеци.  

Член 6

Здружението на новинарите на Македонија го претставува и го застапува неговиот Претседател.  

Член 7

Работата на Здружението на новинарите на Македонија е јавна.   Јавноста во работењето се обезбедува со редовно известување на членовите на ЗНМ за сите облици на работење, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештаи за работата на органите и телата на ЗНМ и за материјалното и финансиското работење.   Јавноста во работењето се обезбедува и се остварува со јавно информирање, како и со доставување материјали на средби и состаноци преку постојните органи и тела на ЗНМ, со комуникација преку електронска пошта со членството и преку веб-страницата на ЗНМ.  

 II. ЦЕЛИ  

Член 8

Општата цел и задача на Здружението на новинарите на Македонија е дејствување низ сите допуштени облици во насока на унапредување на општествениот и правниот амбиент за развој и постоење на новинарството и новинарската професија.   Посебни задачи и цели на Здружението на новинарите на Македонија се:  

  1. Ја брани слободата на медиумите;
  2. Се бори против злоупотреба на медиумите, против создавање монополи и какви било форми на цензура;
  3. Заштита на новинарите од злоупотреба од сопствениците на медиумите;
  4. Заштита на угледот и достоинството на новинаритe и новинарската професија;
  5. Заштита и поттикнување на слободата на критичкиот и креативниот дух;
  6. Унапредување на професионалните и етичките стандарди;
  7. Унапредување на социјалниот и материјалниот статус на новинарите;
  8. Застапување на членовите и нивно претставување пред општествената заедница, активно учествува при подготовката на законските прописи и меѓународните конвенции од интерес на професијата и при одбраната на професионалниот интерес во согласност со Кодексот на новинарите на Македонија;
  9. Давање правна помош на своите членови;
  10. Преземање формални и фактички дејствa пред јавноста и пред со позитивното право овластените институции и социјалните партнери во насока на иницирање и реализација на подготвување и потпишување/склучување општ колективен договор кој се однесува на новинарската професија.

  Член 9

Заштитата на слободата, правата и интересите на новинарите, Здружението на новинарите на Македонија ги остварува и преку:

  1. Јавен протест;
  2. Информирање на домашните и меѓународните организации, институции и медиуми;
  3. Информативен бојкот;
  4. Информативен молк;
  5. Повик на штрајк.

  Постапката за преземање на мерките под 1, 2 и 3 се регулира со посебен акт на Управниот одбор, а за точките 4 и 5 одлучува Собранието на ЗНМ на предлог на Управниот одбор.  

Член 10

Целите на Здружението на новинарите на Македонија се остваруваат преку:

  • Соработката со синдикатите што ги опфаќаат новинарите во Република Македонија;
  • Соработката со владините и невладините, образовните, стручните и научните институции за развој на информирањето во земјата и во странство;
  • Соработката и членувањето во меѓународните новинарски асоцијации и во новинарските синдикати, како и со новинарски асоцијации на одделни земји;
  • Организирано давање правна помош за заштита на професионалната и материјалната положба и достоинство на новинарот, неговата независност и правото на индивидуално изразување, како и независноста на уредниците во уредувањето на гласилата и емисиите;
  • Обезбедувањето фондови за социјална и материјална помош на новинарите што ќе може да се користат со акт на Управниот одбор на ЗНМ;
  • Развивањето на соработката и на професионалната и колегијална солидарност меѓу новинарите и медиумите;
  • Организирањето стручни и научни собири и поттикнување на стручната и професионалната едукација.

  Во остварувањето на своите цели ЗНМ ќе се залага професионалните и материјалните интереси на новинарите да се заштитат со актите и договорите во редакциите и со работодавачите, а на национално ниво со колективен договор со Владата и со работодавачите.        

III. ЧЛЕНУВАЊЕ, ПРАВА И ОБВРСКИ  

Член 11

Член на ЗНМ може да биде секој новинар во Република Македонија кој ги исполнува условите за членство согласно со овој Статут и со актите на Здружението.   ЗНМ има редовни, почесни и придружни членови.  

Член 12

Редовен член може да биде новинар кој најмалку една година се занимава со новинарство.   Придружни членови можат да бидат лицата вработени во јавни служби, образовни, научни, културни, стопански и други институции, публицисти и слично кои повремено се занимаваат со новинарство.   ЗНМ прима и почесни членови, со одлука на мнозинството членови на Управниот одбор. Почесни членови можат да бидат и странци.  

Член 13

Членството, редовното и придружното, се воспоставува со доброволно потпишана писмена изјава-пријава и со издавање членска книшка. Со писмената изјава се доставува потврда за професионалниот ангажман, лична биографија (CV) и две фотографии.   Одлука за приемот во членство со мнозинство гласови носи Управниот одбор на ЗНМ на писмен предлог на Комисијата за членство и организација која формира мислење за предлогот за членство. На одлуката на Управниот одбор може да се поднесе жалба до Собранието на ЗНМ.  

Член 14

Доколку редовен член на ЗНМ премине на работа со која врши јавни овластувања или во институциите од членот 12 став 2, или биде избран или на друг начин учествува во органите на управување на медиум или во друга институција, членството во ЗНМ и во органите и телата на ЗНМ, по автоматизам, станува придружно, додека ги работи тие работи, освен, доколку тие работи не се во спротивност со новинарската професија и не постои личен или професионален конфликт на интереси или, доколку не е во сила законски ограничувачка одредба, односно ограничувачка одредба по основ на конкурентска клаузула од приватна граѓанска исправа.  

Член 15

Пензионираните новинари го задржуваат статусот на редовни членови.   Доколку редовен член на ЗНМ остане без работа, го задржува статусот на редовен член додека е невработен.   Новинарите кои поминале 20 години како редовни членови, а престанале да се занимаваат со професионално новинарство, можат да останат како придружни членови на ЗНМ.   Македонските граѓани кои престојуваат привремено или постојано во странство, а се занимаваат со професионално новинарство, како и македонски државјани со постојан престој во Македонија кои работат за странски медиуми, можат да бидат редовни членови на ЗНМ, ако ги исполнуваат условите предвидени со овој Статут.  

Член 16

Дефинирањето на условите и начинот на зачленување, категориите на членство, правата и обврските од членството, преминот од еден во друг вид членство, членарината и начинот на престанокот на членство, како и определувањето на ситуациите и условите под кои постои конфликт на интереси или конкурентска забрана, како и другите услови поради кои може да се смени статусот на членот поблиску ќе се уредат со посебен Правилник за членство и членарини.  

Член 17

Под поимот „новинарство“ во овој статут и во актите на Здружението, се подразбира :

  • Објавени пишувани, изговорени, сликовни или on line статии: извештај, вест, коментар (белешка или осврт, општествена хроника, статија, рецензија), критика, карикатура, есеј, интервју, репортажа, патопис, цртички, како и наслови, најави и редактура;
  • Уредување и редакција на текстови;
  • Уредувачки работи во уредништвата на печатените и електронските медиуми и новинските агенции, како и на интернет порталите;
  • Информирање со фотографија, електронска слика, филм и карикатура што ги објавуваат професионални фоторепортери, сниматели и карикатуристи, но само доколку им е тоа главно занимање.

 Член 18

Правата на редовниот член на ЗНМ се:

  • Да избира и да биде избран во органите и телата на ЗНМ;
  • Да изнесува мислења и ставови за работата на органите и телата на ЗНМ;
  • Да поседува членска книшка на ЗНМ и на Меѓународната новинарска федерација (International Federation of Journalists, IFJ);
  • Да ја користи правната заштита што ја обезбедува ЗНМ;
  • Да ги користи фондовите на ЗНМ согласно со актите на тие фондови;
  • Да ги користи придобивките што ги овозможува ЗНМ и IFJ;
  • Да ја користи стручната помош што ја обезбедува ЗНМ.

  Придружните членови имаат право на Собранието на ЗНМ да изнесуваат мислења за работата на органите и телата на ЗНМ, да ја користат правната заштита за новинарската работа и да поседуваат членска книшка на ЗНМ. Придружните членови немаат право да одлучуваат за Статутот на ЗНМ и да гласаат за избор на органите на ЗНМ , ниту да бираат или да бидат бирани Придружниот статус е назначен во членската книшка на ЗНМ.   Почесните членови имаат право да ја следат работата на Собранието на ЗНМ, без право на свои претставници во Собранието на ЗНМ и учество во одлучувањето. Почесното членство е назначено во членската книшка на ЗНМ.        

Член 19

Обврски на членот на ЗНМ се:

  • Совесно да ја извршува својата професионална должност, почитувајќи ги Статутот на ЗНМ, одлуките на неговите тела и органи и Кодексот на новинарите на Македонија;
  • Редовно да ја плаќа членарината;
  • Да ги почитува обврските што произлегуваат од членството на ЗНМ во Меѓународната новинарска федерација и во другите меѓународни здруженија.

Член 20

Членството во ЗНМ престанува:

  • Со доброволно излегување од ЗНМ и враќање на новинарската легитимација;
  • Заради неплаќање една годишна членарина по истекот на 12 месеци на кои се однесува членарината;
  • Со исклучување поради неизвршување на обврските предвидени со членството во ЗНМ;
  • При губење деловна способност или во случај на постоење правосилна кривична пресуда за дело што го прави недостоен за членство во ЗНМ.

Од оправдани причини членот може да биде ослободен од плаќање членарина, за што решава во постапка Комисијата за членство.   Одлука за престанување на членството во ЗНМ со мнозинство гласови донесува Управниот одбор на ЗНМ, според сопствен предлог, според предлог на Регионалниот центар или според предлог на Советот на честа на ЗНМ. На одлука на Управниот одбор може да се поднесе жалба до Собранието на ЗНМ во рок од 15 дена од донесувањето на одлуката за исклучување.   Престанокот на членство во ЗНМ не значи и ослободување од втасаните неплатени обврски кон ЗНМ по кој и да е основ.    

IV. ФИНАНСИРАЊЕ НА ЗНМ  

Член 21

ЗНМ остварува средства од:

  • Членарини;
  • Донации;
  • Трговски друштва основани од страна на ЗНМ;
  • Проекти и грантови;
  • Јавни овластувања;
  • Сопствени извори;
  • Други услуги и извори допуштени со позитивното право.

 Член 22

За прифаќање на донациите решава Управниот одбор на ЗНМ.   Користењето и располагањето со средствата на ЗНМ се врши на начин утврден со овој статут и законските и другите прописи.      

V. УПРАВУВАЊЕ СО ЗНМ  

Член 23

Со ЗНМ управува членството непосредно и преку своите избрани претставници во органите на ЗНМ.  

Член 24

Органи на ЗНМ се:

  • Собранието;
  • Управниот одбор;
  • Претседателот;
  • Надзорниот одбор;
  • Советот на честа;
  • Работните групи и другите тела кои може да бидат постојани и привремени, а кои се основаат од органите на ЗНМ во рамките на нивните надлежности.

 Член 25

Права и обврски на избраните членови на Органите на ЗНМ се:

  • Да ги спроведуваат одредбите од овој статут;
  • Да ги застапуваат интересите и ставовите на новинарите чии претставници се и редовно да ги известуваат за нивната работа;
  • Да придонесуваат за развојот на ЗНМ;
  • Да предлагаат и да решаваат прашања од заеднички интерес;
  • Да работат на спроведувањето на заедничките и другите активности што произлегуваат од Статутот.

 V.1. СОБРАНИЕ НА ЗНМ  

Член 26

Собранието е највисок орган на управување со ЗНМ.  

Член 27

Собранието го сочинуваат сите редовни членови на ЗНМ.  

Член 28

Собранието работи на седници согласно со овој статут и Правилник за работа на Собранието кој поблиску ги определува условите, начините, потребното мнозинство и постапките за свикување, работење и носење одлуки на Собранието и изборот на лица, органи и тела во негова надлежност.   Правилникот за работа го подготвува и го предлага Управниот одбор, а го усвојува Собранието.  

Член 29

Собранието се свикува со јавен општ повик до членството.  

Член 30

Собранието може да биде свикано како:

  • Редовно неизборно собрание;
  • Редовно изборно собрание;
  • Вонредно неизборно собрание;
  • Вонредно изборно собрание.

  Редовното неизборно собрание на ЗНМ се свикува најмалку еднаш годишно.   Редовното изборно собрание на ЗНМ се свикува еднаш на секои четири години, за избор на Претседател, членови на Управниот одбор, членови на Советот на честа и членови на Надзорниот одбор.   Вонредното неизборно или изборно собрание се свикува според потреба.  

Член 31

Потребниот кворум за работа на Редовното и на Вонредното неизборно собрание и за донесување полноважни одлуки се обезбедува со присуство на најмалку 10% од вкупниот број на редовните членови на ЗНМ.   Потребниот кворум за работа на Редовното и на Вонредното изборно Собрание и за донесување полноважни одлуки се обезбедува со присуство на најмалку 15% од вкупниот број на редовните членови на ЗНМ.  

Член 32

Собранието одлучува по пат на гласање.   Гласањето е јавно, освен за изборот на Претседател, членови на Управниот одбор, членови на Советот на честа и членови на Надзорниот одбор кога гласањето е тајно.   Собранието може да реши, покрај одлуките од став 2 на овој член и други одлуки, од случај до случај, да бидат предмет на тајно гласање.   Одлуката за тајно гласање од став 3 на овој член се носи со јавно гласање.  

Член 33

Одлуките се носат со мнозинство гласови од присутните, освен, доколку поинаку не е определено со Правилникот за работа на Собранието или, доколку позитивното право не пропишува задолжително работно и гласачко мнозинство за определена одлука.   Одлуката за престанок на ЗНМ се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број на редовните членови.  

Член 34

Кандидатурите и изборот на Претседателот на ЗНМ, кој е и Претседател на Управниот одбор, членовите на Управниот одбор, на Советот на честа и на Надзорниот одбор се спроведуваат во посебни постапки на кандидирање и гласање определени со соодветните посебни правилници и со Правилникот за работа на Собранието.   Претседателот на ЗНМ се избира помеѓу најмалку двајца предложени кандидати. Во случај во текот на изборната постапка и гласањето, од кои било причини да остане само еден кандидат, неговиот избор се врши со двотретинско мнозинство од присустните.   Претседателите на Советот на честа и на Надзорниот одбор се избираат од редот на нивните членови во постапка и на начин утврдени со Правилникот за избор и работа на Советот на честа односно Правилникот за избор и работа на Надзорниот одбор.   Доколку по првиот круг на гласање ниту еден кандидат за член на Управниот одбор, Надзорниот одбор и Советот на честа не го добие потребното мнозинство од присутните членови на Собранието, се организира втор круг на гласање на истата седница на Собранието по кој за избран се смета оној кој има добиено најмногу гласови од присутните членови на ЗНМ.  

Член 35

За постигнување избалансираност на избраните органи и тела во ЗНМ, при кандидирањето и изборот на функционерите, органите и телата во ЗНМ особено се води сметка за соодветната етничка, полова и регионална застапеност на кандидатите и избраните членови во органите и телата.  

Член 36

Собранието на ЗНМ :

  • Донесува Статут на ЗНМ и врши негови измени и дополнувања;
  • Избира и разрешува Претседател на ЗНМ, членови на Управниот одбор, членови на Надзорниот одбор и на Советот на честа;
  • Донесува Деловник за работа, правилници и други акти;
  • Донесува Стратегија за работа за период од три години;
  • Донесува Финансиски план, одлука за располагање со средствата и нивно отуѓување, усвојува Завршна сметка и Ревизија за финансиското работење на ЗНМ;
  • Основа и укинува фондови на ЗНМ;
  • Го разгледува и го усвојува извештајот на Управниот одбор, Претседателот, Надзорниот одбор и Советот на честа;
  • Донесува акти, одлуки, заклучоци и препораки за решавање прашања од работата на ЗНМ;
  • Востановува признанија и награди и, на предлог на Управниот одбор, донесува акти со критериуми и постапка за нивно доделување;
  • Со двотретинско мнозинство од вкупното членство донесува Одлука за престанок на работата на ЗНМ;
  • Одлучува по жалби;
  • Одлучува по други прашања од интерес на ЗНМ;
  • Располага со трајни материјални добра на начин и во постапка пропишана со посебeн акт.

Член 37

Редовно изборно и неизборно или Вонредно изборно и неизборно Собрание свикува Претседателот на ЗНМ.   Редовно изборно и неизборно или Вонредно изборно и неизборно Собрание се свикува и:

  • По писмен предлог на Управниот одбор на ЗНМ;
  • По писмен предлог на најмалку две третини од членовите на Управниот одбор на ЗНМ;
  • По писмен предлог на Надзорниот одбор на ЗНМ;
  • Во ситуација како во став 3 и 4 од овој член.

  Доколку 20% од членовите на ЗНМ по писмен пат предложат свикување на Редовно или Изборно собрание, Претседателот на ЗНМ е должен најдоцна 15 дена од поднесувањето на предлогот да свика Редовно или Изборно собрание што ќе се одржи не подоцна од 60 дена од поднесувањето на иницијативата.   Доколку претседателот во рок од 15 дена од денот на добиениот предлог не свика седница на Собранието, седницата со јавен општ повик до членството ја свикува Управниот одбор со поддршка од најмалку две третини од своите членови или иницијаторите со поддршка од најмалку 15% од членовите на ЗНМ.    

V.2. УПРАВЕН ОДБОР НА ЗНМ  

Член 38

Управниот одбор брои 15 члена. Го сочинуваат Претседателот на ЗНМ и четиринаесет членови избрани од Собранието со тајно гласање.   Мандатот на членовите на УО трае четири години, со можност за повторен избор.   Мандатот е неделив. Во случај на предвремен престанок на членството во Управниот одбор на некој член, новиот член на Управниот одбор, кој ќе го замени, ќе го доврши неговиот мандат.   Управниот одбор може полноважно да работи, доколку бројот на неговите членови не падне под седум, по што се смета дека дошло до распуштање на Управниот одбор.   Претседателот на ЗНМ е Претседател на УО.   Управниот одбор од редот на своите членови овластува заменик на Претседателот на Управниот одбор кој го заменува Претседателот на Управниот одбор во случај на негово отсуство или привремена спреченост.   Во случај на трајна спреченост или постапка за смена на Претседателот, се свикува вонредно Собрание во рок од најмногу 60 дена.  

Член 39

УО за својата работа одговара пред Собранието на ЗНМ.   УО се состанува според потреба, а најмалку четири пати годишно.   Седницата на УО ја свикува Претседателот на ЗНМ, а во негово отсуство овластениот Заменик претседател од претходниот член.   Начинот на работењето и носењето одлуки на УО се уредува со Правилникот за избор и работа на УО.      

Член 40

Управниот одбор:

  • Ги спроведува статутарните и програмските задачи на ЗНМ, како и одлуките и заклучоците на Собранието;
  • Донесува и реализира Годишна програма за работа;
  • Предлага измени и дополнувања на Статутот;
  • Свикува седница на Собранието на ЗНМ, во согласност со Статутот;
  • Донесува Одлука за вршење јавни овластувања на ЗНМ, согласно со законските услови;
  • Подготвува и поднесува до Собранието Финансиски план и Завршна сметка на ЗНМ и го доставува Ревизорскиот извештај до Собранието;
  • Донесува правилници и одлуки за прифаќање спогодби и склучување договори;
  • Донесува Одлука за висината на членарината;
  • Донесува одлуки за основање трговски друштва, согласно со закон;
  • Избира, именува и разрешува Извршен директор на ЗНМ по пат на јавен конкурс, со мнозинство гласови од членовите на УО;
  • Донесува одлуки за прием и престанок во членството на ЗНМ на предлог на Комисијата за членство;
  • Донесува одлуки за формирање постојани и повремени работни тела и ја насочува нивната работа;
  • Донесува одлуки за набавка и отуѓување основни средства за работа на ЗНМ, за печатење стручна литература и за други потреби;
  • На предлог од редовните членови на ЗНМ во Регионалните центри, од најмалку два кандидати именува Координатори на Регионалните центри на ЗНМ со мандат од четири години. Во случај на неспроведување на Програмата на ЗНМ и/или непочитување на Статутот и/или Кодексот на ЗНМ, со двотретинско мнозинство гласови од членовите на УО, УО може да разреши именуван координатор и пред истекот на неговиот мандат;
  • Формира Стручна служба на ЗНМ и на предлог на Извршниот директор усвојува Правилник за нејзината работа;
  • Одлучува за учество во проекти и во организирање акции и манифестации;
  • Остварува меѓународна соработка на ЗНМ;
  • Донесува и други одлуки што ќе произлезат од тековното работење.

Член 41

УО формира постојани работни тела, и тоа:

  • Комисија за членство ;
  • Комисија за правни прашања;
  • .

  Комисиите бројат од три до пет членови, а по нивните предлог-одлуки решава УО.    

V.3. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЗНМ  

Член 42

За Претседател на ЗНМ може да биде избрано лице кое ги има подмирено сите обврски кон ЗНМ и кое има најмалку 5 години професионално искуство. Мандатот на претседателот на ЗНМ е четири години со право на повторен реизбор.   Претседателот на ЗНМ:

  • Го претставува и го застапува ЗНМ;
  • Ги свикува и претседава со седниците на УО;
  • Ги спроведува одлуките на Собранието на ЗНМ и на УО;
  • Ги потпишува актите што ги донесува Собранието, УО и другите акти што ги склучува ЗНМ;
  • Ги прогласува наградите и признанијата на ЗНМ;
  • Потписник е на сметките на ЗНМ;
  • Врши и други работи што ќе му ги додели Собранието и УО, во согласност со Статутот и со другите општи акти и преземени обврски на ЗНМ.

    V.4. НАДЗОРЕН ОДБОР НА ЗНМ  

Член 43

Надзорниот одбор (НО) брои седум членови кои од редовите на ЗНМ ги избира Собранието на ЗНМ.   Членовите на НО од својот состав избираат Претседател на НО.   Мандатот на членовите на НО е четири години, без право на повторен избор.   Мандатот е неделив. Во случај на предвремен престанок на членството во Надзорниот одбор на некој член, новиот член на Надзорниот одбор, кој ќе го замени, ќе го доврши неговиот мандат.   Надзорниот одбор може полноважно да работи, доколку бројот на негови членови не падне под пет, во кој случај се смета дека дошло до негово распуштање.    

Член 44

Надзорниот одбор:

  • Врши контрола врз примената на Статутот и врз другите општи акти на ЗНМ;
  • Врши контрола врз материјално-финансиското работење на ЗНМ;
  • Врши контрола врз наменското располагање со средствата и приходите на ЗНМ;
  • Најмалку еднаш годишно до Собранието на ЗНМ поднесува Извештај за своите наоди и одлуки;
  • Ако оцени дека е потребно, согласно со Статутот на ЗНМ, може да предложи свикување Вонредна седница на Собранието и/или на УО на ЗНМ.

    V.5. СОВЕТ НА ЧЕСТА  

Член 45

Советот на честа е орган на ЗНМ.   Советот на честа брои седум членови кои ги избира Собранието на ЗНМ од редовните членови на ЗНМ.   Работниот кворум е четири члена.   Членовите на Советот на честа од својот состав избираат Претседател.   Мандатот на членовите на Советот на честа е четири години, со можност за повторен избор.   Мандатот е неделив. Во случај на предвремен престанок на членството во Советот на честа на некој член, новиот член на Советот на честа, кој ќе го замени, ќе го доврши неговиот мандат.   Советот на честа поднесува годишен извештај за својата работа до Собранието на ЗНМ.   Тековното оперативно организирање и работење на Советот на честа се уредува со акти што ги донесува Управниот одбор по сопствен предлог или на предлог на Советот на честа, со исклучок на Правилникот за избор и работа на Советот на честа кој како иницијален организационен акт е во надлежност на Собранието.  

Член 46

Советот на честа:

  • Го следи остварувањето на начелата и одредбите на Кодексот на новинарите на Македонија;
  • Разгледува случаи и покренува постапки што се однесуваат на членови на ЗНМ;
  • Самостојно јавно реагира и изнесува вредносни мислења/судови во случај на повреда на начелата и одредбите на Кодексот на новинарите на Македонија;
  • Самостојно покренува или предлага расправа во другите тела на ЗНМ за појавите во јавното информирање со што се кршат начелата и одредбите на Кодексот на новинарите на Македонија;
  • Покренува иницијативи до Управниот одбор на ЗНМ за промена на законски одредби или подзаконски акти што ги оневозможуваат или ги кршат начелата и одредбите на Кодексот на новинарите на Македонија;
  • Ангажира надворешни експерти и консултанти за потребите на своето работење.

    VI. СТРУЧНА СЛУЖБА  

Член 47

Стручната служба ја сочинуваат Извршниот директор и другиот персонал.   Извршниот директор го избира персоналот, раководејќи се од принципите на ефикасност, компетентност, интегритет и расположливи ресурси.   Организацијата и работата на Стручната служба се уредува со акти што ги донесува Управниот одбор на предлог на Извршниот директор.  

Член 48

Делокругот на работата на Стручната служба е да ги врши стручните, организационите и административните работи на ЗНМ, ги сервисира органите на ЗНМ и ги администрира политиката и програмите одобрени од ЗНМ.   Стручната служба:

  • Ги следи и ги анализира професионалните и општествените трендови од областа на работата на ЗНМ;
  • Ги подготвува седниците на Собранието и на Управниот одбор на ЗНМ;
  • Го ажурира редовно, а најмалку еднаш годишно, Регистарот на членство на ЗНМ;
  • Ги раководи и ги координира планираните активности на ЗНМ, утврдени со годишниот и со финансискиот план за работа;
  • Ги подготвува среднорочните и годишниот план за работа и финансискиот план;
  • Раководи со финансиските средства за обезбедување максимална повратност, мобилизира нови фондови, преговара и му предлага на УО склучување договори со донатори и со други финансиери;
  • Врши канцелариски работи, води преписки, ја води и ја чува архивата и води сметководство;
  • Поднесува извештаи за работа и финансиски извештаи;
  • Подготвува документација и се грижи за спроведување на програмските активности, врши нивна анализа и оценка;
  • Ангажира стручна помош надвор од ЗНМ за потребите на ЗНМ;
  • Одржува односи со јавноста.

    VII. ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР  

Член 49

Извршниот директор е професионално вработен во ЗНМ.   Извршниот директор е одговорен пред Управниот одбор.   Мандатот на Извршниот директор е четири години, со право на повторен избор.  

Член 50

Извршниот директор е главен административен службеник на ЗНМ.   Тој учествува во работата на Собранието и на Управниот одбор без право на глас.   Извршниот директор го води и го раководи работниот процес во Стручната служба на ЗНМ, ја планира, ја организира и ја спроведува нејзината работа.   Извршниот директор е потписник на сметката на ЗНМ со ограничување утврдено од Управниот одбор.   Правата и обврските, како и описот на работните задачи на Извршниот директор се утврдуваат со менаџерски договор што ќе се подготви од Управниот одбор и што извршниот директор ќе го склучи со Управниот одбор.   Извршниот директор, пред сè и особено:

  • Ги следи и ги анализира состојбите и проблемите во дејноста на ЗНМ;
  • Комуницира и соработува со други сродни домашни и меѓународни организации и институции;
  • Се грижи за стратегиското планирање во ЗНМ и пред Управниот одбор предлага периодични и годишни програми и планови за работа и финансиски планови;
  • Одговорен е за извршување на програмата и на планот за работа, како и на финансискиот план;
  • Поднесува периодични и годишни извештаи за работа и финансиски извештај до Собранието, преку Управниот одбор;
  • Ги подготвува актите за организација и работа на Стручната служба и ги воспоставува и ги оценува показателите за работните достигнувања на Стручната служба;
  • Врши и други работи во негова надлежност доверени од Управниот одбор и од Собранието на ЗНМ, согласно со Законот, Статутот и со општите акти на ЗНМ.

    VIII. РЕГИОНАЛНИ ЦЕНТРИ И СЕКЦИИ

  Член 51

Регионалните центри на ЗНМ се форма на територијално организирање на членовите на ЗНМ заради поефикасно дејствување на ЗНМ.   Регионалните центри се организираат според функционалноста и територијалната припадност.   Регионалните центри се формираат со одлука на Управниот одбор на ЗНМ.   Со Регионалниот центар раководи Координатор избран од членовите од соодветниот регион.   Организацијата и работата на Регионалните центри се уредува со акти што ги донесува Управниот одбор на ЗНМ.  

Член 52

Регионалниот центар:

  • Ги спроведува активностите на ЗНМ на регионално ниво, согласно со целите на ЗНМ утврдени со овој Статут, со годишните програмски определби на ЗНМ и со начелата и одредбите на Кодексот на новинарите на Македонија;
  • Иницира постапки пред Советот на честа од неговиот делокруг на работа;
  • Поднесува периодични извештаи до Управниот одбор на ЗНМ за активностите и финансиските средства доделени за работа на Регионалниот центар;
  • Се грижи за застапеност на професионалните интереси и права на своите членови во ЗНМ.

  Член 53

Заради подобра координација и професионална застапеност на интересите и правата на специјализирани групи новинари, како и за размена на искуства и заедничко дејствување во областите на својата професионална специјализираност, во ЗНМ може да се основаат Секции на новинари.   Статутарна одлука за формирање Секција донесува Управниот одбор на ЗНМ на иницијатива од најмалку десет редовни членови на ЗНМ.   Организацијата и работата на Секцијата се уредува со акти што ги донесува Управниот одбор на ЗНМ на предлог на Секцијата, преку Извршниот директор на ЗНМ.   Секцијата на новинари може да предлага активности и иницијативи до Управниот одбор и до Советот на честа на ЗНМ.    

IX. НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА  

Член 54

ЗНМ ги воспоставува следниве награди и признанија:

  1. Награда „Крсте Мисирков“ се доделува за:
    • Животно дело;
    • Едногодишно остварување во печатените и во електронските медиуми;
    • Новинар на годината.

  2. Награда „Јашар Еребара“ 1се доделува за:

    • Едногодишно остварување за истражувачко новинарство во печатените и
    • Едногодишно остварување за истражувачко новинарство во електронските медиуми.

 

  1. Посебни признанија за новинари кои работат во медиумите во дијаспората.

 

  1. Посебни признанија за поединци и институции кои ја помагаат работата на ЗНМ.

    X. ПРЕСТАНОК НА РАБОТА НА ЗНМ

  Член 55

ЗНМ ќе престане со работа:

- Ако за тоа на Редовно или на Вонредно свикано Собрание одлучат најмалку две третини од редовните членови на ЗНМ;

- Ако бројот на членовите се намали под бројот определен за основање на здружението;

- Ако настанат услови предвидени во закон или во друг пропис што се однесува на работењето и постоењето на Здружението.  

Член 56

По законскиот престанок на работа на ЗНМ, имотот и другите права и приходи што остануваат, по намирувањето на обврските, преминуваат во сопственост на легитимен правен наследник. Во спротивно, имотот останува во сопственост на државата.    

XI ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ  

Член 57

Овој статут стапува во сила веднаш по неговото усвојување. Постојните тела, органи и овластени лица на ЗНМ, од денот на стапувањето во сила на овој статут до денот на одржувањето на новото Изборно собрание, ги задржуваат своите називи и продолжуваат да ги вршат своите овластувања и обврски како техничко и преодно решение, во обем и на начин неопходен за тековно функционирање на ЗНМ, но без преземање непредвидени материјални обврски, како и без склучување обврзувачки и товарни акти со и кон трети лица и особено без донесување интерни акти и одлуки, со што ќе се попречи, одложи или ќе се оневозможи одржувањето на Изборното собрание.   Сите акти што се во спротивност со кажаното во став 1 на овој член ќе се сметаат за ништовни и нема да произведуваат правно дејство.    

Член 58

Во рок од 5 дена по стапувањето во сила на овој Статут Извршниот одбор на ЗНМ ќе го соопшти и потврди точниот број редовни членови на ЗНМ, со поименичен список.. Вака поименично утврдениот број редовни членови ќе биде основа за утврдување на потребниот работен кворум и кворум за гласање на изборното собрание.  

Член 59

Веднаш по донесувањето на овој Статут, ќе се пристапи кон гласање и донесување на правилници за постапка за кандидирање и спроведување избор на органите и телата на ЗНМ предвидени со Статутот. Кандидирањето и изборот на органите и телата на првото следно Изборно собрание ќе се спроведе во постапка според овој статут и правилниците.  

Член 60

Во постапка утврдена со овој статут и Правилникот за кандидирање и избор на органите и телата на ЗНМ, на првото следно Изборно собрание најпрвин ќе се изберат нови членови на Управниот одбор, Надзорниот одбор и Советот на честа на ЗНМ, Претседател на ЗНМ, а новоизбраниот Управен одбор, во рок, во кој ќе го задолжи Собранието, ќе распише конкурс за избор на Извршен директор на ЗНМ.  

Член 61  

Согласно овој статут, приоритетни правилници кои ја прецизираат работата на ЗНМ, а кои се во надлежност на Собранието се:  

  • Правилник за членство и членарини;
  • Правилник за избор и работа на Управниот одбор;
  • Правилник за избор и работа на Надзорниот одбор;
  • Правилник за работа на Собранието;
  • Правилник за избор и работа на Претседателот на ЗНМ
  • Правилник за избор и работа на Советот на честа;
  • Правилник за избор и работа на Верификационата комисија

  Согласно овој статут следните правилници кои ја прецизираат работата на ЗНМ, а чие донесување е делегирано на Управниот одбор се:

  • Правилник за основање и работа на секции, работни групи и други тела;
  • Правилник за работа на Регионалните центри;
  • Правилниците од став 2 на овој член Управниот одбор е должен да ги изготви и донесе во рок од 30 дена по своето конституирање.

  Член 62

Претседателот на ЗНМ ќе објави јавен повик за свикување Изборно собрание на ЗНМ согласно со одредбите од овој статут, најдоцна во рок од 60 дена од денот на усвојување на Статутот.   Со одредбата од став 1 на овој член, се смета дека е донесена одлука за свикување Изборно собрание, па, доколку од кои било причини Претседателот на ЗНМ не објави јавен повик, тогаш работната група за подготвување на овој статут има делегирано право да го објави јавниот повик, со што ќе се смета дека свикувањето и јавниот повик се легитимно реализирани.      

Член 63

Измени и дополнувања на овој статут се вршат по иста постапка, како и за неговото донесување.   Автентично толкување на одредбите на овој статут дава Собранието на ЗНМ на седница на Собранието.   Помеѓу две собранија, толкување на одредбите на Статутот дава Управниот одбор на ЗНМ.     1 Јашар Еребара, градоначалник на Скопје и покренувач на првиот весник на албански јазик со името на Скопје („Шкупи“)